МОДУЛ 2 - АНАЛИЗА НА ИНФОРМАЦИЈАТА
СЕСИЈА 4 – ПРЕГЛЕД НА РАЗЛИЧНИТЕ МЕДИУМИ
Образовен лист 11ПОГЛАВЈЕ 11 – РАСКАЗИТЕ ВО КОЛЕКТИВНАТА ИМАГИНАЦИЈА НА БАЛКАНОТ
Ниво : Тешко
образовни цели
Цел 1 : Продлабочување на прашањето за митовите и нивната функција
Цел 2 : Осврнување кон примери на митови специфични за регионот
Цел 3 : Преиспитување на местото на кинематографијата како вектор на мит и како алатка за деконструкција на митот
МИТОВИТЕ ВО ПОЛИТИЧКИТЕ ГОВОРИ
Типологија и функција на митовите
Дефиниција: Митот е имагинарна конструкција која служи како објаснување, како основа за одредени социјални практики, и претставува фактор за мобилизација. Но, тоа е исто така посебен начин на говор, сличен на соништата и легендите. Според францускиот историчар Раул Жирарде, местото што го зазема имагинацијата во историјата на политичките идеи е важно, затоа што понекогаш ја објаснува моќната привлечност што ја извршуваат одредени политички системи без религиозна основа.
Младите пост-југословенски републики се сите засегнати со прашањето за ширење национални митови и симболи со цел да создадат заедничко чувство за припадност кон нацијата или кон заедницата. Историчарот Раул Жирарде нуди четири теми што се повторуваат кои можеме да ги најдеме во повеќето митови и кои ја покажуваат основната важност на имагинарното во развојот на политичките идеи и на општеството:
- Митот на единството: Тоа е возвишување на татковината, на колективот и на заедницата, претставен од една група на слични поединци (засилување на логиката на опозицијата: тие / ние)
- Митот на спасителот: Се работи за истакнување на фигурата на херојот, на водачот со кого се идентификуваме како модел и кој обезбедува легитимност.
- Митот на златното доба: Тоа е идеализација на старото време, носталгија за една ера и приврзаност кон елементи од минатото за да се најде сегашна и идна стабилност.
- Митот на заговорот : Се работи за означување на надворешен виновник, истакнувајќи ја фигурата на непријателот одговорен за несреќите на заедницата и што ги охрабрува поединците да се мобилизираат против него.
Митовите и нивната политичка употреба обично се појавуваат во критични периоди, во време на криза на идентитетот или непријатност поврзана со промените во општеството и во начинот на живеење. Кога внатрешните тензии растат, тогаш митот станува неопходен, поради тоа што имагинацијата реагира на промени, на губење на референтни точки или на испрашување на традициите. Затоа, овие митови имаат јасна политичка функција: да го мобилизираат населението околу заедничка историја и одредници.
На ист начин како што сликата може да резимира еден концепт или настан, митот ја храни имагинацијата на поединците. Овој феномен може да се засили според групите на луѓе, особено кај младите во потрага по идентитет, или објаснувања за светот околу нив, па дури и да се соочат со неизвесна иднина.
ПРИМЕРИ НА ВАЖНИ МИТОВИ ВО БАЛКАНСКИОТ РЕГИОН
Во сите култури има различни митови и не сите имаат иста функција, но културното богатство на Балканот овозможува развој и ширење на многу митови специфични за регионот.
Пример : “Потомците на Александар Велики“
Во Северна Македонија, митот според кој Македонците се наследници на Александар Велики е многу распространет иако е невозможно територијата на современа Македонија да се совпадне со онаа од времето на Александар, па дури и да се најде спојување помеѓу населението кое некогаш живеело на овие територии и населението кое живее тука денес. Иако Северна Македонија делумно се наоѓа во областите контролирани од Филип Втори до неговата смрт во 336 година п.н.е., срцето на кралството на Александар Велики лежи главно во Грција во близина на Вергина. Покрај тоа, граѓаните на денешните балкански држави се резултат на комплексни мешавини, поттикнати од последователните инвазии и миграции кои се случувале во регионот повеќе од два милениуми.
Сепак, овие митови го хранат дискурсот на современите националистички текови на Балканот, кои се обидуваат да ја потврдат предимството на нивниот народ на одредена територија, со цел да се докаже легитимноста на нивните претензии.
Ширењето на митот може потоа да придонесе во затегнувањето на односите помеѓу заедниците или народите во регионот. Навистина, прашањето за македонското наследство на Александар Велики ги оживеа тензиите помеѓу Грција и Северна Македонија за време на преговорите за промена на името на државата во 2018 година. Грчките националистички струи сметаат дека терминот “Македонија“ му припаѓа на хеленското наследство, одбиваа поранешната југословенска република да го користи ова име. Ова доведе до неколку насилни демонстрации во двете земји.
Пример: Митот на “православното братство“
Во Србија, Црна Гора и Северна Македонија, силната врска со Русија останува во главите на многу луѓе, поттикната од чувството дека “православно братство“ ќе ги обедини особено со оваа држава. Според студијата спроведена кон крајот на 2017 година од српската влада, четвртина од жителите (24%) ја назначуваат Русија како главен донатор (финансиска помош и материјални донации) на нивната земја, додека 75% од донациите и помошта доаѓаат од Европската Унијата или земји членки. Исто така, според бројките на Српската национална банка, повеќе од 70% од странските инвестиции во периодот помеѓу 2010 и 2017 година потекнуваат од ЕУ, споредено со околу 10% од Русија.
Затоа, овој мит се заснова повеќе на емоционална отколку рационална врска, која продолжува и е одржувана од одредени политичари, како што е српскиот претседател Александар Вучиќ или Милорад Додик од Република Српска.
За да се ограничи нивното негативно влијание, деконструкцијата на митовите подразбира истражување и историско и / или новинарско продлабочување. Како и да е, не е секогаш лесно да се спроведе истражувачка работа на теми кои сèуште се чувствителни за поединци и за владите на засегнатите земји. Недостигот на ресурси за новинарите, недостатокот на интерес за историски истражувања во медиумите и брзото ширење на теориите на заговор на интернет може да го забават напредокот на истражувањето и деконструкцијата на некои зацврстени митови.
Во таа насока, здружението “Крокодил“во јуни 2020 година покрена иницијатива во Белград против инструментализација на историјата за политички цели. Целта е да се создаде простор за историски и интеркултурен дијалог во земјите родени од распадот на Југославија и да се поттикне поинклузивна култура на меморија.
За крај, одредени канали за ширење на информации може да се искористат за заобиколување на оваа проблематика на историското истражување и слабиот интерес на медиумите за оваа сериозна тема, како што е случајот со кинематографијата.
КИНЕМАТОГРАФИЈА : МЕЃУ ГРАЃАНСКОТО ИЗРАЗУВАЊЕ И ВЕКТОРОТ НА МИТ
Промоцијата на националните митови понекогаш се врши и преку кинематографијата, каде што наоѓа извор на инспирација и обезбедува значително влијание врз имагинацијата на поединците. Навистина, освен ако се има важна и специфична историска култура за предметната тема, понекогаш е тешко да се суди за вистинитоста на изведените настани во едно кинематографско дело. Исто така, не е невообичаено одредени филмови да нудат пристрасно читање на настани, дури и да хранат и пропагираат одредени митови, легенди и примени идеи.
Пример: На крајот на 2017 година, РТС (српска национална телевизија) ја продуцираше и емитуваше серијата Senke nad Balkanom (“Сенките над Балканот“), од режисерот Драган Бјелогрлиќ. Акцијата се одвива во Белград, престолнината на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, потоа во Кралството Југославија, во годините 1920-1930. Оваа серија го претставува овој период како златно доба за земјата. Помеѓу 2008 и 2014 година, можевме да ја видиме и адаптацијата за телевизија на трилогијата на Мир-Јам, (Ранетиот орел, Непобедливо срце, Самец во бракот), и на филмот што доведе до серија, Монтевидео, Господ те видел (2012-2014), саги кои со носталгија го прикажуваат истиот период на националната историја.
Сепак, кинематографијата може да се користи и како моќен инструмент за деконструкција и како средство за изразување на граѓанското општество кое ќе овозможи осврнување кон важни општествени и актуелни предизвици.
Пример: Краткиот филм “Take me somewhere nice” (“Одведи ме на некое убаво место“) излезен во 2019 година и во режија на Ена Сендијаревиќ, млада режисерка со босанско потекло, прикажува една млада Босанка која живее со семејството во Холандија, а се враќа во родната земја. Ова дело се осврнува на прашањето на имиграцијата, интеркултурноста, национализмот и враќањето кон корените, што понекогаш е комплицирано за помладите генерации.
Пример: Филмот “Пред дождот“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски, кој го освои Златниот лав на Венецискиот филмски фестивал во 1994 година, го евоцира прашањето за војна и етнички тензии меѓу Македонците и Албанците.
Практични активности
▶ АКТИВНОСТ 1 – КОЛАБОРАТИВНА ПРИКАЗНА