Author Archives: philippe.morlhon@mouvement-up.fr

ПОГЛАВЈЕ 9 – ПРЕТСТАВУВАЊАТА НА ЕКРАНОТ

Аудиовизуелните “дела“

Документарец и репортажа

 

Дефиниции: Помеѓу уметничкото дело и новинарската истрага, документарецот се разликува од фикцијата поради тоа што темите со кои тој се занимава се реални и главната цел останува информирањето за оваа реалност. За разлика од новинарското известување, документарецот користи уметнички јазик кој исто така ги предизвикува емоциите на гледачот, со цел да го натера да размислува. Спротивно на тоа, репортажата е новинарска истрага заснована врз принципот на објективност, иако авторот на истрагата може да има активистички и ангажиран став. Во репортажата, секој аспект на фикција е напуштен за да се направи простор за фактичките елементи.

 

Примери:

 

– Документарецот “Другата страна на сè“ (“Druga strana svega“, од 2017 година), од српската режисерка Мила Турајлиќ, се навраќа, на пример, на српската историја во изминатите 70 години преку перспективата на Србијанка Турајлиќ, мајка на режисерката и активистка за мир. Режисерката ја внесува семејната историја во дијалог со историјата на нејзината држава, осврнувајќи се на прашањето за политичкиот ангажман на постарите генерации кој се соочува со разочарувањето на денешните млади Срби.

 

– Друг режисер на документарни филмови, Косовецот Самир Карахода, се осврнува на прашањето за иселувањето на дел од младите од Косово преку неговото дело “Во меѓувреме“ (“Në Mes“ од 2019 година). Преку овој документарец, Карахода покажува клучен аспект на тековните работи во неговата држава, особено недостатокот на економски перспективи за голем дел од своите млади и распаѓањето на семејството, многу важна општествена единица во косовското општество.

 

– Во балканскиот контекст, голем број репортажи се, на пример, посветени на прашањето на корупцијата и организираниот криминал. Таков е случајот со репортажата на црногорската новинарка Оливера Лакиќ, автор на истрага за организирниот криминал, заради што таа стана мета на напад со огнено оружје.

 

Филмовите и кинематографијата

 

Фикцијата и кинематографијата, исто така, можат да се осврнат на истите теми како и документарците и новинарските репортажи без притоа да ги следат истите постапки. Филмовите можат да раскажат измислени приказни додека црпат инспирација од реалноста. Затоа, кинематографијата овозможува да се пристапи, со голема слобода, кон централни општествени прашања и да го поттикне гледачот да размислува.

 

Пример: Во својот филм “Медените месеци“ (“Honeymoons“ од 2009 година) српскиот режисер Горан Паскаљевиќ ја снима измислената приказна на двете брачни двојки, едниот српски, другиот албански, за да се осврне на темата за емиграција кон Европа, преку ироничен и драматичен поглед.

 

 

Телевизијата : ТВ дневник

Во историјата на медиумите и пристапот до информациите, појавата на телевизијата одигра улога слична на онаа што ја одиграа социјалните мрежи во денешното време, во смисла дека нејзината употреба претставува еден вид револуција според начинот на кој луѓето ги консумираат информациите. Овој значаен медиум останува сèуште важен во нашите општества и треба да се запрашаме за тоа како се користи аудиовизуелната алатка за пренос на информациите.

 

Дефиниција: ТВ дневникот е информативна емисија која трае неколку десетици минути емитувана на телевизија и анимирана од страна на еден или повеќе водители. Може да понуди репортажи за меѓународни, национални или локални теми, или наизменични хроники како што е временската прогноза.

Главната цел на ТВ дневникот е да обезбеди квалитетни информации собрани од новинари или дописници кои работат за ТВ каналот, информации за тековните работи или за суштински теми. За разлика од радиото, кое исто така нуди „кратки“ програми за тековни настани, ТВ дневникот ѝ дава посебно место на сликата, истовремено во изгледот и гестовите на водителот, но и за време на репортажите, фотографиите или инфографиите прикажани на екранот (кодификација на боите, користен фонт при пишувањето, вид на декор за студиото, итн.)

 

Пример: Раководството на ТВ дневникот на албанскиот канал Зјар ТВ (Zjarr TV) донесе одлука во 2016 година, вестите да бидат презентирани од водителки со разголени гради со подотворено сако кое едвај ги прикрива градите. Овој избор, силно критикуван за својата сексистичка природа, претставува екстремен случај, но ја илустрира важноста на управувањето со сликата и визуелната алатка за време на ТВ дневникот.

 

Поддршка која има свои граници

 

Иако телевизијата е многу популарен медиум, каналите не можат да избегнат одредена економска логика, а понекогаш дури и политичко влијание (особено во случајот со јавните канали), а тоа може да влијае на квалитетот на емитуваните информации и да ја ограничи застапеноста на диверзитетот на мислењата и на опозициските движења. Особено во балканскиот регион, суштинските теми можат да бидат заменети со полесни теми, по пример на „таблоиди“ и на модел на жолтиот печат.

 

Пример: Во март 2019 година, српските демонстранти од движењето #1од5милиони и други претставници на опозициските партии протестираа пред канцелариите на српската радио-телевизија (РТС) за да ја критикуваат оваа незастапеност на телевизијата.

 

Во таква ситуација, неколку меѓународни новински канали имаат инвестирано во регионот со цел да понудат алтернатива за гледачите, но исто така и од геополитички причини. Така е примерот, во последниве години со катарскиот канал „Ал Џазеира“ кој ја отвори својата локална редакција во Сараево, додека каналот „Русија денес“ започна да емитува информации на локален јазик на српското радио Студио Б.

 

ТВ дневникот, иако останува сèуште популарен, од друга страна сè повеќе е надминат од медиумите на интернет и од социјалните мрежи.

 

Новите екрани

Во целиот свет, времето поминато пред екраните постојано се зголемува секоја година, особено кај младите. Иако телевизијата зафаќа добар дел од ова време, пристапот кон социјалните мрежи е тој што го зголемува времето минато пред екраните. На пример, студијата на “BusinessFibre.co.uk“ од 2019 година, ги наведува земјите кои поминуваат најмногу часови на интернет, потсетувајќи дека глобалниот просек на време поминато пред екраните е 6 часа и 42 минути на ден (линк достапен во делот “како дополнување“).

 

Во однос на времето поминато на социјалните мрежи, голем дел од него е за гледање видеа, презастапени на интернет, тоа се должи на апликацијата на видео “гигантот“ : Јутуб (YouTube).

 

Дефиниција: Јутуб е платформа за хостирање на видеа и еден социјален медиум на кој корисниците можат да испраќаат, гледаат, коментираат, оценуваат и споделуваат видеа во стриминг. Создаден во февруари 2005 година од Стив Чен, Чад Харли и Џавед Карим, тројца поранешни вработени во “ПејПал“ (“PayPal“), и откупен од “Гугл“ во октомври 2006 година за 1,65 милијарди американски долари, тој е еден од најпосетуваните сајтови во светот (во 2020 година, секој месец, Јутуб има повеќе од 2 милијарди прегледи).

 

Затоа интересно е да се забележи дека оваа платформа презема одредени аудиовизуелни кодови од телевизијата. На пример, зборуваме за “Јутјуб канал“, а „Јутуберите“ мораат да ги имаат истите вештини како и ТВ водителите: добро усно изразување, изглед што потикнува желба да се гледа видеото, дури и се оди до таа мера што се репродуцираат ТВ-студиа од телевизиски емисии.

 

Пример : Најследените Јутубери во различни земји :

 

Босна и Херцеговина : https://www.youtube.com/user/Seherzad

Србија : https://www.youtube.com/user/SerbianGamesBL2

Црна Гора : https://www.youtube.com/user/BalkanGamesHD

 

Свесни за привлечноста на овој формат за помладите генерации, некои телевизиски канали инвестираат во овој медиум со реемитување програми или нудење да се гледаат овие канали директно на Јутуб (како што е каналнот РТС Сајт – Официјален канал во Србија, кој го емитува, на пример, серијалот “Моја генерација З“ – “Moja generacija Z”).

 

Успехот на Јутуб во споредба со телевизијата се објаснува и со богатата содржина што ја нуди. Поради тоа што секој корисник на интернет може да продуцира или објави видео, вкусовите и мислењата на сите се многу подобро застапени отколку на телевизијата. Затоа е и алатка која граѓаните можат да ја присвојат за да се изразат за темите кои ги интересираат, да ги популаризираат знаењата, да ги појаснат своите идеи, да предупредат за некоја тема или да комуницираат важни информации, како што е случај кога одредени демонстранти ги снимаат во живо своите движења за време на некоја демонстрација.

 

Со тоа што се пласира како централен столб во аудиовизуелната дифузија и продукција, Јутјуб и социјалните медиуми кои нудат видеа уживаат хегемонична позиција во нашите односи со информациите. Тогаш се поставуваат суштинските прашања за слободата на изразување, монопол и одговорност за емитуваните содржини, особено за потенцијалните лажни информации, говорот на омраза и теорија на заговор кои, за жал, се многу популарни на оваа платформа која е во голем дел прегледувана од младите.

ПОГЛАВЈЕ 8 – БОРБА ПРОТИВ ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ

ПОИМОТ ‘ЛАЖНА ВЕСТ’ (ИНФОКС) : ЦЕНТРАЛЕН ЕЛЕМЕНТ НА МИП

Дефиниција : Кога зборуваме за лажна вест (инфокс), за лажни информации или за “Фејк њуз“, тоа значи фабрикувани, излажирани или извртени информации, со намера ширени од поединци, активисти или политичари, со цел манипулирање со граѓаните и привлекување на истите кон нивните идеи.

 

Ширењето на овие лажни информации може да има штетни последици врз општеството: на пример, кога станува збор за таргетирање или обвинување на малцинство или заедница со цел да се предизвика страв и да се поттикне омраза кон нив. Исто така, кога се користи лажната информација за да се создаде чувство на несигурност за изборна цел, манипулацијата со информациите се покажува како многу ефикасна алатка.

 

Пример: Демонстрациите против присуството на мигранти се размножија во пресрет на парламентарните избори од 21 јуни во Србија. Предходно, на 2-ри март 2020 година, околу 500 луѓе се имаа собрано во Суботица, град кој граничи со Унгарија на северниот дел на земјата, и ги осудија „злосторствата“ извршени од мигрантите на српска територија, иако според полициските податоци, извршените прекршоци од страна на бегалците претставуваат само 0,06% од кривичните дела регистрирани во земјата.

 

Одредени хроники и скандали, како што е „Кембриџ аналитика“ во САД (користење на податоци на милиони корисници кои потоа ќе бидат мета на лажни вести), не потсетуваат колку манипулираните информации имаат влијание врз нашиот живот, нашето секојдневие сè до претседателските избори.

 

Пример: Во март 2020 година во Босна и Херцеговина, 51-годишна жена која се вратила од патување во Италија и тестирана позитивна на коронавирусот, била жртва на вистински линч на социјалните мрежи по објавувањето на погрешни информации од страна на неколку медиуми. Тие рекле дека таа присуствувала на концерт и користела јавен превоз. Во некои коментари на Фејсбук се вели дека оваа жена заслужува да биде убиена затоа што била заразена и дека не требала да се врати во Босна и Херцеговина.

 

Поради тоа, со извртување, манипулирање и фалсификување на реалноста со цел да се предизвика омраза и обид да се убедат граѓаните со лажни аргументи или информации кои не постојат, лажните информации го доведуваат во прашање самиот поим за вистината и граѓанството во модерните општества. Бидејќи поголемиот дел од времето ги мобилизираат нашите емоции, нашите предрасуди и понекогаш ги потврдуваат нашите мислења, лажните вести (инфокс) лесно се шират и наоѓаат важно ехо на социјалните мрежи, зајакнувајќи ги нивните штетни ефекти врз квалитетот на достапните информации.

 

Како такво, информациите кои се суштински за нашиот живот и во срцето на сите наши одлуки и нашите односи кон другите, неопходно е да се зачуваат нивната сигурност и транспарентност и да се избегнат колку што е можно повеќе манипулациите на кои можат да бидат предмет. Покрај тоа што треба да се внимава на квалитетот на информациите, усвојувањето на критичен став во однос на содржините кои се прегледуваат или примаат, овозможува да се ограничи ризикот од манипулација или надворешно влијание и создавање поточно мислење.

 

 

СПРЕЧУВАЊЕ НА СТАПИЦИТЕ ОД ДЕЗИНФОРМАЦИЈАТА

За борба против дезинформацијата предвидени се повеќе решенија:

  • Подобра контрола врз ширењето на информации на интернет со преземање одговорност од страна на платформите и на “гигантите на интернет“ (Фејсбук, Гугл, Твитер и сл.). Сите тие презеле мерки во оваа насока давајќи им на корисниците можност да пријавуваат лажни информации, бришејќи профили кои шират говор на омраза и лажни вести, или спроведувајќи ги и пренесувајќи ги кампањите за превенција. На пример, во јануари 2020 година, Фејсбук објави дека ќе ги отстрани и ќе ги забрани на својата платформа видеата од типот “дипфејк“.

 

Треба да се напомене дека допуштањето на овие компании (ГАФА) да ја регулираат содржината на овие платформи може да биде проблематично во однос на слободата на изразување и цензура, во контекст кога се поставува прашањето за хегемонија на овие “Гиганти на интернет“. Како такво, во некои земји постојат независни тела одговорни да го контролираат дејството на традиционалните медиуми, но исто така да обезбедат контрола врз информациите и заштита на корисниците на овие мрежни платформи.

 

  • Многу држави, исто така, стануваат свесни за итноста и за нивната улога во контрола и сигурност на информациите кои кружат во нивната држава, минувајќи, најчесто, преку законодавниот систем. Сепак, треба да се внимава преземените мерки за ограничување на дезинформацијата и зајакнување на средствата за контрола, парадоксно да не ја ограничуваат слободата на изразување на медиумите и граѓаните, спречувајќи ја работата на новинарите.
  • Исто така, можеме да го подготвиме населението да, сè почесто, се соочи со лажни информации, манипулации со слики, или сè поголемо и брзо ширење на теориите на заговор. Така што, активностите како што се критичко образование за медиуми и информации ќе го охрабри населението да се заштити од овие манипулации, преку обезбедување знаење и развој на интелектуална автономија и критичко размислување.
  • За крај, свеста се зголемува и од страната на традиционалните медиуми. Како такво, неодамна се појави во одредени земји, но исто така и на пошироко меѓународно ниво, нов метод на новинарска обработка, со цел да се ограничат ризиците од дезинформација: Проверка на факти (fact-checking).

 

 

ПРОВЕРКА НА ФАКТИ

Потекло и Дефиниција

 

Соочени со множењето на лажни информации, излажирани слики и видеа, особено на интернет, новинарските методи за соочување и проверка на информации станаа толку неопходни што многу медиуми неодамна развија специјализирани услуги за проверка на факти.

 

Честопати наречена проверка на факти (fact-checking), овој нов начин на новинарска обработка првично се состоела од систематска проверка на тврдењата на политичарите или на елементите од јавна расправа (бројки, законодавни содржини, итн.). Но, со ширењето на лажните вести (инфокс) и опасностите од дезинформација, денес проверката на факти се состои во брзото проверување на вистинитоста на еден факт, слика или гласина и пошироко од сите видови на пренесени информации на интернет.

 

Границите на проверка на факти

 

Сепак, иако проверката на факти е корисна алатка за проверка на информациите, таа не треба да се претвори во непроменлив диктат на вистината. Всушсност, некои прашања не можат да се решат со едноставна проверка на факти, како што се, на пример, политичките прашања, мислењата или моралните прашања. Како што сугерира името, станува збор да се остане “фактичен“ и да се проверат конкретните факти.

 

Покрај тоа, елементите за проверка на информациите понекогаш може да недостасуваат или да бидат зависни од други организации. На пример, пресметувањето на бројот на присутни лица на демонстрации ќе го присили медиумскиот проверувач на факти самиот да верува во бројки што ги соопштуваат властите или организаторите на демонстрацијата, што секако ќе доведе до големи диспаритети.

 

И овде, се препорачува претпазливост одржување критичка мисла знаејќи кога да се верува во медиумскиот проверувач на факти и кога едно прашање заслужува да биде третирано со ретроспектива.

ПОГЛАВЈЕ 4 – МЕДИУМИ И ГРАЃАНСТВО

СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕ И СЛОБОДА НА ПЕЧАТ

  • Слободата на изразување е одредено право, право на слободно изразување на она што некој го мисли.

 

Ако слободата на изразување треба да му овозможи на секој(а) да биде слободен да размислува и да го искаже своето мислење, таа исто така има свои граници: мора да се биде внимателен да не се клевети, навредува, да не се повикува на омраза кон одредена група заради својата религија, боја на кожа или сексуална определба, ниту на охрабрување на тероризам или воени злосторства.

 

  • Слободата на печатот, што го рефлектира правото на слобода на изразување, гарантира дека граѓаните ги имаат сите информации што им се потребни за слободно да формираат мислење.

 

Улогата на весниците е да ги просветли читателите и да стимулира дебати за идеи кај граѓаните. За тоа, новинарите почитуваат одредени правила. Тие можат да зборуваат за која било тема, но внимавајќи да ги проверат информациите со цел да обезбедат квалитет.

 

Во некои земји, слободата на печатот може да биде поткопана, а новинарите може да бидат спречени да покриваат одредени настани или да ја критикуваат моќта. Секоја година, НВО “Репортери без граници“ објавува рангирање на слободата на печатот низ целиот свет.

 

 

ЕТИКА НА НОВИНАРСТВОТО

Новинарството е област што се состои во истражување на информации, проверка на истите во нивниот контекст, класифицирање на истите, да им се даде форма, нивно коментирање и објавување на квалитетни информации; така што не може да се помеша со она што се нарекува комуникација

Вршење на професијата: Поим за итност при ширење на информации или ексклузивност не треба да ја надмине сериозноста на истрагата и проверката на изворите. За да работи во добри услови, новинарот мора да може слободно да ги извршува сите активности од својата професија (истрага, истраги, фотографирање и тонско снимање и сл.), да има пристап до сите извори на информации во врска со фактите кои го режираат јавниот живот дури и заштита на тајноста на нејзините загарантирани извори.

  • Минхенската декларација за правата и должностите на новинарите, изготвена во 1971 година од сите синдикати на новинари на европско ниво, дава насоки за етичката практика на новинарството. Според оваа изјава, новинар достоен за името:
  • го почитува достоинството на лицата и презумпцијата на невиност;
  • смета дека критичкото размислување, вистинитоста, точноста, интегритетот, правичноста, непристрасноста се столбовите на новинарското дејствување;
  • смета дека обвинението без доказ, намерата да наштети, промената на документи, искривувањето на фактите, злоупотребата на слики, лага, манипулација, цензура и самоцензура, непроверување на фактите и сл. се најсериозни професионални злоупотреби;
  • применува најголема внимателност пред ширење на информации од каде и да потекнуваат;
  • има право на корекција, кое исто така е и должност, на информациите што ги објавува и гарантира дека сите објавени информации што излегуваат како неточни, брзо се корегираат;
  • ја брани слободата на изразување, на мислење, на информации, коментар и критика;
  • забранува какви било неправедни и несакани средства за добивање информации;
  • не прифаќа пари од јавна служба, установа или приватна компанија со кои би биле искористени неговите квалитети на новинар, неговите влијанија и врски.

ПОГЛАВЈЕ 3 – ИНФРОМАЦИЈАТА И МЕДИУМИТЕ

ДЕФИНИЦИИ

1/ Медиумот е пред сẻ материјал за поддршка кој овозможува масовно ширење на информации како што се пишаниот печат, радиото, интернетот или телевизијата.

 

Зголемување и разновидност на понудата на информации

 

По Втората светска војна, сме сведоци на поголема засиленост на информациите и зголемување на бројот на медиумите: домовите се опремуваат со телевизори, радио каналите се множат и се појавуваат бројни списанија. Тогаш почнуваме да зборуваме за „масовни“ медиуми. Оттогаш, достапните информации стануваат поважни и разновидни отколку што биле порано, а тој феномен се нагласува и до ден денес со дигиталната доба којасуштински ги смени начините за добивање информации.

 

Промена на односот кон информациите

 

Како понудата на информации се зголемува и станува сẻ поразновидна, така нашиот однос кон информациите се менува, особено со појавувањето на Интернет во раните 90-ти години. Како вистинска против демократска власт медиумите стануваат суштински за животот на граѓаните. За време на изборите, на пример, но и во текот на целата година, медиумите се главен извор на информации на предлозите, дебатите и политичките програми на претставниците и политичките лидери.

 

Покрај тоа, ваквата еволуција на медиумската понуда и особено развојот на Интернетот овозможил поголемо ширење на идеи и мислења кои тогаш биле маргинални – или помалку објавувани во јавното мислење – како теории на заговор или екстремистичките идеологии, овозможувајќи нивно полесно ширење во пошироката јавност.

 

Но, медиумите исто така се однесуваат како помалку видлива структурна и професионална димензија, т.е. тие претставуваат економски организиран систем (на финансирање, надомест на новинари) како и социјално (што подразбира да се дознае во што се состои професијата на новинар, неговите практики, неговата употреба и образование во новинарството).

 

2/ Информациите, во контекст на критичкото образование на медиумите, се раскажувачки факт, што доаѓа од идентификувани, проверени и вкрстени контроли. На ова може да се додаде перспектива која што го објаснува или толкува фактот за кој станува збор во социјалната, културната и политичката димензија. Покрај тоа, информациите мора да исполнуваат три критериуми:

 

  1. Да биде од важност за јавноста: Да се ​​смета за информација, во медиумска и социјална смисла на зборот, еден факт мора да има јавен интерес. На пример, ако станува збор за присуство на кој било граѓанин на фудбалски натпревар, тоа не претставува информација што веројатно ќе биде од значење за сите други граѓани.
  2. Да се настапува со факт: информацијата мора да се однесува на факт, односно да се настапува со факт. Тоа значи, доколку продолжиме со нашиот пример, дека резултатот од натпреварот или повредата на еден играч на теренот претставува целосна информација, бидејќи станува збор за факти, дела и забележливи резултати. Напротив, гласините за трансферот на играчот во друг клуб или потенцијалните тензии што можат да постојат во рамките на тимот, сè уште не претставуваат информација.
  3. Да се биде проверен или потврден: за да го потврдите неговиот статус на информации, фактот мора да биде проверен и потврден. Со други зборови, ние тука мора да бидеме внимателни кон поимот доказ што го потврдува фактот.

 

 

КАКО МЕДИУМИТЕ ЈА ПРЕНЕСУВААТ ИНФОРМАЦИЈАТА

Во пишаниот печат, можно е информацијата да се раскаже на три начина, односно да се користат различни новинарски жанрови:

 

  1. Објаснета информација: Новинарот ги анализира фактите, ги дешифрира информациите и му дава на читателот информации на прашањата „како“ и „зошто“. Овој вид на пишување се користи за анализа, истрага, досие и новинарско интервју.
  2. Коментирана информација: Станува збор за послободен вид на пишување во кое новинарот толкува и се обидува да ги дешифрира фактите играјќи со хумор, давајќи свое мислење или донесувајќи пресуда. Овој стил на пишување се користи за колумна, лист, едиторијал, карикатура или преглед.
  3. Пренесена информација: Ова е многу наративен новинарски стил на известување во кој новинарот детално ги изложува и ги раскажува фактите. Токму овој метод на пишување се користи за куса вест, депеша, општа вест, извештај, репортажа или сторија.

 

 

ПАТОТ ДО ИНФОРМАЦИЈАТА

Патот до информацијата подразбира минување низ повеќе фази:

1. Фактот

2. Алармот (новинарот е информиран од своите извори)

3. Проверка (неколку новинари се мобилизирани, тие ги испрашуваат организациите, луѓето или институциите кои се засегнати со одење на лице место).

4. Уредничкиот состанок може да биде организиран од страна на медиумот. Главниот и одговорен уредник ги свикува шефовите на сектори, се одлучува за распоредување на новинарите на терен и покривање на сите можни аспекти: карактеристиките, претпоставките, преседаните, репортажите, сторијата на денот …

5. При пишувањето, новинарот го пишува својот напис или коментар, а потоа уредниците ги препрочитуваат и корегираат, објаснувајќи ги фотографиите …

6. Кога информацијата е обработена, време е за нејзино објавување. Објавена е во форма на блиц, аларм или депеша, во зависност од важноста на информацијата.

 

Добро е да се знае: да се има ,,scoop,, (ексклузивитет) тоа значи да се биде прв во објавувањето на информацијата. Другите медиуми ќе можат да ја преземат прецизирајќи од каде потекнува

ПОГЛАВЈЕ 1 – ШТО Е МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ ?

ПРЕДИЗВИЦИ НА МЕДИУМСКА И ИНФОРМАЦИСКА ПИСМЕНОСТ

Воглавно, медиумската и информациската писменост имаат тенденција да го промовираат знаењето и разбирањето на медиумите и информациите, од гледна точка на граѓанската дебата и општествено учество.

 

МИП комбинира две различни области: совладување на информацијата ја потенцира важноста на пристапот до информациите, нејзината проценка и нејзината етичка употреба. Едукацијата за медиумите ја потенцира можноста да се разберат функциите на медиумите, да се процени начинот на кој се извршуваат овие функции и рационално да се користат овие медиуми за изразување.

 

Овој домен им овозможува на оние што го пренесуваат:

  • Да се ги ​​потенцираат улогата и функциите на медиумите во општеството и условите под кои медиумите ги исполнуваат овие функции.
  • Да се ​​интегрираат и пренесат алатките за критична проценка на медиумските содржини
  • Да се ​​создаде, со целната публика, квалитетни медиуми за информирање.

 

За целосно да се сфати глобалниот дострел на МИП, треба да се потенцира дека едно општество кое ги владее медиумите и информациите, и го промовира развојот на слободни, независни и плуралистички медиуми, има тенденција да поттикне значајно учество на граѓаните.

 

 

ПРЕДАВАЊЕ НА МИП : РАЗЛИЧНИТЕ ПРИСТАПИ

Различните педагошки пристапи треба да бидат користени од страна на предавачот на МИП:

 

  • Пристапот „проблематика – истражување“, кој се состои во идентификување на проблематиката; препознавање на основните ставови и верувања; разјасување на фактите и принципите поврзани со оваа проблематика; организирање и анализирање на насоките; интерпретирање и решавање на прашањето; преземање на мерки и преиспитување на последиците и резултатите од секоја фаза. Ова му овозможува на ученикот да го развие своето критичко размислување. Овој пристап може да се претпочита за анализа на лажни вести или теории на заговор.
  • Проучувањето на случаи, кое вклучува детална анализа на една единствена ситуација или еден единствен настан. Овој пристап обезбедува систематски метод за набљудување на настани, собирање на податоци, анализа на информации и известување за резултатите.
  • Соработничкото учење, може да се движи од едноставна работа во парови до посложени начини како што се учење преку проекти, учење преку загатки, испрашување водено од страна на врсници и реципрочно учење.
  • Со текстуална анализа, учениците учат да идентификуваат како се користат јазичните кодови и конвенции за да се создадат посебни типови претстави насочени кон одредена публика („технички“, „симболички“ и „наративни“ кодови за кој било медиумски текст).
  • Контекстуалната анализа има за цел да им помогне на учениците да се запознаат со теми како што се системите за класификација на кинематографија, телевизија и видео игри, врските помеѓу сопственоста и медиумската концентрација и прашањата за демократија и слободата на изразување.
  • Со препишувањата, учениците можат, на пример, да состават серија постоечки визуелни материјали поврзани со животот на една личност и да ги користат како почетна точка за да изготват и направат краток документарен филм за таа личност.
  • Со симулациите, учениците можат, на пример, да ја преземат улогата на телевизиска екипа која продуцира програма за млади. Стратегијата се прави со студентите како педагошки процес.
  • За крај, продукцијата им нуди на студентите можност да навлезат во учењето преку откривање и пракса. Преку продукција на медиумски текстови (аудио, видео и / или печатено), учениците можат да ја потикнат својата креативност и да ги изразат своите лични мислења, идеи и перспективи.

ЛАЖНИ ВЕСТИ & ЗАГОВОР

ДЕФИНИЦИЈА

Она што се нарекува теорија на заговор е историско или политичко објаснување кое подразбира постоење на “скриена вистина“. Лажните заговорни вести исполнуваат 6 главни карактеристики:

 

1. Вклучуваат многу моќна тајна група која работи во сенка (Рептилци, Илуминати, Трилатерал, НАСА, Масони и др.)

 

2. Оваа група вработува многу голем број на луѓе (стратешки поставени) во сите сектори на општеството – влада, медиуми, полиција, универзитети, итн. – за да може “тајната“ да остане … тајна;

 

3.Тие се спротивставуваат на официјалните верзии, односно оние што имаат консензус во науката или кои се прифатени од мнозинството во медиумите или во владата;

 

4.Тие објаснуваат настан со единствена причина. На пример, војната во Ирак се одвиваше … затоа што им служеше на интересите на рептилците!

 

5. Невозможно е да се побијат. Без оглед колку се силни критиките што се донесуваат, нивните бранители секогаш ќе тврдат дека оние што критикуваат се дел од заговорот … или се наивни.

 

6.Таму се прават секакви видови на амалгами. На пример: знаеме дека американската влада лажеше за војната во Ирак, така што лажеше за лунарните мисии. Застапниците на овие теории можат, со текот на времето, да развијат енциклопедиско знаење за аргументите што ги поддржуваат овие теории дури и ако ниту еден не ја докажува нивната валидност.

 

 

ИЛУСТРАЦИЈА: ЗАГОВОРНИЧКА ВЕБ СТРАНИЦА ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Natural News е крајно десничарска страница во Северна Македонија позната по ширењето на лажни информации што поттикнуваат разни теории на заговор.

 

Natural News особено беше една од најплодните страници во емитувањето на заговорно видео кое лажно тврдеше дека темна кабала елита го користи вирусот и потенцијалната вакцина за да оствари профит и да добие моќ. Во тоа 26-минутно видео со наслов „Пландемика“ беше прикажано дискредитираниот научник, Јуди Миковиц, во кое тврди дека неговите истражувања направени за штетноста на вакцините биле закопани. “Пландемика“ е објавено на 4-ти мај кога авторот Мики Вилис го објави на социјалните мрежи. Цели три дена, кружело по Фејсбук страниците посветени на теориите на заговор и движењето против вакцинирање. Потоа, влезе во доминантното движење и експлодираше. Така, според Њујорк Тајмс, “нешто повеќе од една недела по објавувањето на “Пландемика“, видеото е видено повеќе од осум милиони пати на Јутјуб, Фејсбук, Твитер и Инстаграм“(извор: линк).

ЛАЖНИ ВЕСТИ & ПОЛИТИКА

ДЕФИНИЦИЈА

Лажните информации од политичка природа се “погрешни наводи, најверојатно, за да можат да ја променат искреноста на изборите, намерно масовно, вештачки или автоматски дистрибуирани преку услуга на мрежна комуникација“. Зборуваме за „кампања за дезинформација“ кога масовното ширење на лажни вести потикнува, заради нејзината распространетост, желба да се поткопа правилното спроведување на одредени избори со цел да се дестабилизира режимот на власт, со користење на стравовите, национализмот и авторитаризмот.

 

Појававата на овие методи на упад е тесно поврзана со порастот на дигиталните платформи, кои овозможуваат ширење на лажни вести за одреден кандидат со голема виралност и со значително влијание врз јавното мислење.

 

Колку и да изгледаат виртуелни, лажните политички вести имаат многу реални влијанија. Особено, во последниве години, тие ги дестабилизираа изборните процеси во повеќе земји.

 

Ова е причината зошто дигиталните платформи, државите и меѓународната заедница преземаат посериозни мерки за да се обидат да ги спречат овие кампањи за дезинформации, особено преку регулирање на социјалните мрежи и зајакнување на законодавниот арсенал.

 

 

ИЛУСТРАЦИЈА: ФРАБРИКИТЕ ЗА ЛАЖНИ ВЕСТИ ВО МАКЕДОНИЈА

За време на претседателската кампања во САД во 2016 година, градот Велес ,во Македонија, стана “светски главен град на лажни вести“. Всушност, под влијание на државните сили, стотина млади Македонци беа регрутирани во вистински “фабрики за лажни вести“, чија цел беше да се истури врз американското јавно мислење, преку интернет, непрекинат проток на лажни вести со цел да придонесат во победата на кандидатот Доналд Трамп.

 

Овие млади заработуваа близу 10,000 евра месечно за да создадат лажни сметки и да измислуваат лажни написи. Една од најчестите лажни вести беше да се дискредитира кандидатот на демократите, Хилари Клинтон, со ширење гласини со кои ќе се засени нејзиниот углед. На тој начин, лажното тврдење според кое “Барак Обама ја финансирал кампањата на Хилари Клинтон со средства украдени од ветерани“, пилотирано од Велес, станало вирално во Соединетите држави. Веб-страницата “The fake news machine : inside a town gearing up for 2020“ ги документира и ги анализира стотиците интернет страници креирани во Велес, чија главна цел била да придонесе преку манипулација со информациите до победата на републиканскиот кандидат.

 

Споре Џелал Незири, од “Центарот за истражувачко новинарство во Македонија“ (Scoop), активностите на фабриките за лажни вести во Велес биле далечински управувани од поранешната владејачка националистичка партија во земјата. “Нашата истрага покажува дека оваа операција била координирана од претходната влада. Младинската платформа која веќе објавувала лажни статии од областа на здравството беше искористена за пренесување на политички мислења за време на македонските парламентарни избори, а потоа за време на американските претседателски избори“, објаснува тој (извор: “Велес, светски главен град на лажни вести, РФИ”- линк).

 

 

ИЛУСТРАЦИЈА: ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ ГИ ДЕСТАБИЛИЗИРААТ ИЗБОРИТЕ ВО УКРАИНА

Украинската претседателска кампања од март 2019 година, со која беше утврдена победата на глумецот Володимир Зеленски – што се смета за прозападен – беше обележана со кампањи за дезинформации, со цел да се дискредитара овој кандидат.

 

Така, според меѓународниот медиум ДВ (линк), “лажните вести на руски јазик го проголтаа медиумскиот пејзаж на земјата“ за време на изборниот период. ДВ смета дека најпопуларните лажни статии биле објавени на фејсбук сметките кои бројат и до 2 милиони членови.

 

На 5 јануари, кратко време откако глумецот Володимир Зеленски ја објави својата кандидатура за претседател, страница на Фејсбук, управувана од bbccn.co, објави лажни вести за да го оцрни угледот на кандидатот. Во написот се тврди дека украинскиот обвинител, Јуриј Луценко, покренал кривична пријава против Зеленски за планирање уривање на уставниот поредок. Оваа статија генерираше повеќе од 20,000 онлајн реакции. Сепак, јасно е дека оваа гласина е манипулација со информациите: против глумецот не е преземено никакво правно дејство.

 

Во истата перспектива, лажен сајт претставувајќи се на измамнички начин токму како оној на кандидатот Зеленски бил идентификуван од страна на проверувачите на факти. На оваа веб страница, меѓу другото, беше објавена измислена изјава дека Зеленски сакал да го направи рускиот официјален јазик на Украина. Предлог кој што воопшто не фигурирал во намерите на кандидатот.

 

Написот на ДВ “Is Ukraine’s presidential election threatened by fake news“ се осврнува подетално на овие кампањи за дезинформација кои се обидоа да ја спречат победата на кандидатот од граѓанското општество.

ЛАЖНИ ВЕСТИ & ПРОПАГАНДА

ДЕФИНИЦИЈА

Прогандата се однесува на техниките на убедување кои се користат за пропагирање на идеологијата или доктрината како и стимулирање на разни однесувања во рамките на целната публика. Во текот на 20 век, некои режими ја институционализираа пропагандата за манипулирање со масите.

 

Денес, државите ја користат пропагандата особено за да ја зауздаат слободата на печатот. На пример, во извештајот за 2017 година (линк), УНЕСКО изрази загриженост за сè почестите напади врз медиумите во форма на пропаганда и лажни вести. За некои држави се вели дека ги користат овие техники на дезинформација за да ги „оцрнат, заплашат и им се заканат на медиумите, особено тврдејќи дека тие претставуваат опозиција или дека кажуваат лаги“.

 

Оваа државна пропаганда против медиумите е забележана особено во балканскиот регион. Според тоа, Курие де Балкан (Le Courrier des Balkans) забележува дека, во неколку држави „манипулацијата со фактите се користи како оружје против независните новинари, граѓанското општество и политичките противници за нивно дискредитирање“.

 

 

ИЛУСТРАЦИЈА : ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ ПРОТИВ НОВИНАРИТЕ ВО МОЛДАВИЈА

Во рамките на парламентарните избори 2019 година во Молдавија, високи официјални претставници придонесоа во кампањи за дезинформации и пропаганди насочени кон независни медиуми. Според Курие де Балкан овие државни лажни вести достигнале 54.000 корисници на интернет, преку лажни сметки на Фејсбук или Инстраграм.

 

Меѓу метите на оваа лажна вест беше Корнелија Козонац, директорката на Центарот за истражувачко новинарство во Молдавија (ЦИНМ), која се занимава со случаи за корупција. “Тролови“ ја клонирале нејзината сметка и објавиле неколку пораки во нејзино име, во обид да ја дискредитира нејзината новинарска работа. Исто така, започнале и сајбер напади против платформата на ЦИНМ, која објавува анкети за кандидатите на изборите во Молдавија.

 

Пропагандната кампања дури ја натера компанијата Фејсбук да реагира, со објавување на сооштение за печатот. Во него се објаснува дека “луѓето што стојат зад лажните сметки се обиделе да го сокријат својот идентитет, но нашите процедури за проверка открија дека дел од оваа дезинформациска активност е поврзана со вработени во молдавската влада“.

ЛАЖНИ ВЕСТИ & ПАНДЕМИЈА

ДЕФИНИЦИЈА

Масовното ширење на лажни вести што се однесуваа на пандемијата Ковид-19 беше такво што се појави нов термин за овој феномен на дезинформација: “инфодемија“.

 

На тој начин, инфодемијата се однесува на бранот на излажирани информации за коронавирусот кој неодамна се провлече низ социјалните мрежи и пребарувачите. Во контекст на здравствената криза, Тедрос Аданом Гебриезус, генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) изјави дека “лажните вести поврзани со Ковид-19 се шират побрзо и полесно од самиот вирус и се исто толку опасни“.

 

Пандемијата е придружена со лажни, злонамерни информации кои произлегуваат од теории на заговор. Следниве лажни вести се особено вирусни на глобално ниво: “Вирусот кој предизвикува КОВИД-19 е биолошко оружје создадено од човекот“; “Италијанската влада ги спречува мигрантите да се тестираат за КОВИД-19“; “Пандемијата КОВИД-19 беше предвидена во симулација“.

 

Во овој контекст, медиумите, државите и меѓународната заедница развија организации за проверка на факти за борба против дезинформацијата околу вирусот и за обновување на научните вистини за болеста. Меѓу овие оператори за проверка на факти, можеме на пример да ги наброиме: Системот на Светската здравствена организација; Платформата NewsGuard; Страницата UE VS Desinfo.

 

 

ИЛУСТРАЦИЈА: БАЛКАНОТ СРЕДЕ КОРОНАВИРУС

Западен Балкан е силно засегнат од лажните информации поврзани со Ковид-19. Платформа за проверка на факти, посветена на верификација на фактите, се фокусира особено на деконструирање на лажните вести поврзани со пандемијата што кружи во Регионот: РАСКРИКАВАНJЕ.РС.

 

Постојат многу примери како илустрација на ширењето на инфодемијата на Балканот. Особено во Босна, каде говорот на омраза се појави на интернет. Така, враќајќи се од патувањето во Италија и тестирана како позитивна на коронавирусот, 51-годишната Босанка беше жртва на вистински линч на социјалните мрежи по објавувањето на погрешни информации од страна на повеќе медиуми, во кои се вели дека присуствувала на концерт и користела јавен превоз (што не било вистина).

 

Според Марија Вушиќ од истражната интернет страница ‘Раскрикавање’, “Овие неодговорни публикации се многу опасни во денешниот контекст, особено за луѓето кои живеат во мали градови. Тие дури и не се осмелуваат да излезат на улиците затоа што локалното население ги смета за одговорни за ширење на болеста. Ова навистина може да ја загрози безбедноста на некои“.

 

Како што објаснува Курие де Балкан, „таблоидите во регионот го следат водењето на социјалните медиуми ширејќи непроверени информации за пандемијата“

 

Српскиот таблоид Ало! (https://www.alo.rs/), на пример, погрешно објави дека бројот на заразени лица се намалува во светот. Ова не е точно: овој тренд е забележан само во мал број на земји. Токму ваквиот вид измамничка содржина ја потикнува Сандра Бачиќ Хрватин, професор на Факултетот за хуманистички науки на Словенија, да каже дека “лавината на лажни информации на социјалните мрежи создаде клима на недоверба кон науката, експертите и институциите. Медиумите не треба да потпаѓаат на сензационализам, туку нивната улога треба да биде објаснување на природата на вирусот и укажување на превентивните мерки преку официјални и професионални информации“.

 

ПСИХОЛОШКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ МЕХАНИЗМИ НА ИНФОДЕМИЈАТА

За време на развојот на пандемијата Ковид-19, во светот се забележува пораст на теории на заговор, лажни вести и сомнежи за официјалната верзија на потеклото и ширењето на болеста, како и за нејзината сериозност. Значителен дел од популацијата, во сериозно погодените и оние помалку погодените земји, е фатен во замка од разните теории на заговор и измами. Ова не е изненадувачки со оглед на тоа што болеста не е поврзана само со медицинска експертиза, туку ја активира и социјалната и психолошката динамика поврзана со заговор.

 

Овие теории се развиваат кога луѓето се обидуваат да дадат смисла на настан што инаку се чини дека е лишен од тоа. Станува збор за објаснување на овие настани преку теории на заговор.

 

Оваа тенденција е особено изразена кога постои значителна когнитивна дисонанса помеѓу причината и ефектот. На пример, пандемија предизвикана од случајна инфекција на неколку луѓе од животни, што резултира со милиони случаи и скоро половина милион смртни случаи низ целиот свет до средината на јуни 2020 година

 

Теориите на заговор секогаш се фокусираат на злонамерен заговор, честопати спроведуван од мала група на луѓе против светот или нацијата, што има ефект на разоружување на поединците ослободувајќи ги од одговорност.

 

Заговорите се развиваат особено кога настаните влијаат врз луѓето лично, како што е пандемијата, и кога довербата во утврдените знаења и кај оние што го обезбедуваат тоа знаење, како што се државата, науката и медиумите, е ниска.

ЛАЖНИ ВЕСТИ & ЖИВОТНА СРЕДИНА

ДЕФИНИЦИЈА

Темата за животна средина е особено насочена кон лажни вести. Овие лажни вести најчесто се изрежирани од “климатско-скептичното“движење. Ова негативистичко движење ја отфрла реалноста за глобалното затоплување, и покрај тоа што таквата појава е веќе докажана повеќе од 20 години од меѓународната научна заедница.

 

Така што, во врска со екологијата, научните факти денес остануваат удавени во бесконечен прилив на лажни вести и претпоставки. Вирусното ширење на овие лажни вести за животната средина е очигледно: се смета дека половина од информациите споделени на интернет на оваа тема се лажни, погрешни или дека не се засновани врз никакви докази (извор: Стефан Фукар, “Иднината на климата: анкета за климато-скептиците “, 2015 година)

 

Зад кампањите за дезинформација врзани за животната средина обично стојат индустриските лобија или држави кои ги бранат. Имено, доминантните компании (нафтени, автомобилски, прехрамбени и сл.) не се подготвени за еколошка транзиција, перцепирана како кочница за растот. Овие индустриски сили потоа влијаат на јавната расправа, прикривајќи го најчесто својот климатско-скептичен говор со помош на науката. Организирани во влијателни кругови, тие шират во медиумите и до институциите извештаи, белешки и графикони кои имаат тенденција да го доведат во прашање човековото потекло, како и важноста на еколошката криза. Овие теории се пласирани со намера да манипулираат, наоѓаат ехо во јавното мислење, кое најчесто е со ниска научна култура.

 

Ова климатско-скептично струење наоѓа претставници меѓу најмоќните лидери во светот. На пример, рускиот претседател Владимир Путин рече дека “нема докази дека човековата активност е причината за климатските промени“. Неговиот американски колега Доналд Трамп оди уште подалеку, бидејќи, според него, глобалното затоплување е “маскарада“.

 

Соочени со оваа манипулација со информации, забелешките на шведската активистка Грета Тунберг се немилосрдни: “заговорот, негирањето на фактите, лагите, омразата кон децата кои дејствуваат врз научни докази: сето ова затоа што некои возрасни, преплашени од промените, апсолутно не сакаат да зборуваат за еколошката криза “

 

 

ИЛУСТРАЦИЈА : РУСКИТЕ ЛАЖНИ ВЕСТИ ВО ВРСКА СО ГРЕТА ТУНБЕРГ

Русија и про-Кремаљските медиуми шират лажни обвинувања со цел дискредитирање на една од водечките фигури во еколошкото движење: шведската активистка Грета Тунберг.

 

Така, Argumenty i fakty, популарен руски таблоид, пропагираше заговор и антисемитска теорија за шведската активистка, тврдејќи дека “активностите на Тунберг се финансирани и поддржани од фондациите на Отворено општество на Џорџ Сорос“, но и дека “јахтата без емитувања што ја однесе Тунберг во Њујорк е изградена по налог на еден од претставниците на кланот Ротшилд“. Веб-страницата на Радио Слободна Европа, во својата статија “The Russian Bear Is Spooked By Greta The Eco-Activist“(линк), подетално се навраќа на овие теории на заговор кои ја таргетираат младата икона на еколошкото движење.

 

 

МЕХАНИЗМОТ НА ЛАЖНИТЕ КЛИМАТО-СКЕПТИЧНИ ВЕСТИ

Климатоскептиците го доведуваат во прашање постоењето, причините и последиците од глобалното затоплување. И покрај обвнувањата за ширење лажни вести, тие продолжуваат да ја водат јавната расправа (медиумите, политиката, образованието…) и на тој начин влијаат врз решавањето на еколошката криза. Тие објавуваат неколку видови лажни вести на тема животна средина.

 

  1. Оние кои имаат за цел да го нарушат кредибилитетот на соговорникот или медиумот кој е про-еколошки.
  2. Оние кои се обидуваат да дезинформираат, криејќи или давајќи своја интерпретација на контекстот на одреден настан поврзан со климата.
  3. Оние кои имаат за цел врамување на еден факт со негово редуцирање. Како на пример, кога сака да се зборува за еколошката кризата земајќи предвид само еден критериум, како што е глобалното затоплување, без да се зборува за биодиверзитетот и она што би се нарекле меѓузависностите (океаните, атмосферата, биодиверзитетот, климата , водата и др…)