МОДУЛ 2 - АНАЛИЗА НА ИНФОРМАЦИЈАТА

СЕСИЈА 4 – ПРЕГЛЕД НА РАЗЛИЧНИТЕ МЕДИУМИ

Образовен лист 9

ПОГЛАВЈЕ 9 – ПРЕТСТАВУВАЊАТА НА ЕКРАНОТ

Ниво : Начин

образовни цели

Цел 1 : Разликување на разни формати на информации и нивните цели

Цел 2 : Разбирање на улогата на сликата во различни аудиовизуелни формати

Цел 3 : Пронаоѓање на карактеристични примери за решавање на прашањето за претставувањата на екранот

Аудиовизуелните “дела“

Документарец и репортажа

 

Дефиниции: Помеѓу уметничкото дело и новинарската истрага, документарецот се разликува од фикцијата поради тоа што темите со кои тој се занимава се реални и главната цел останува информирањето за оваа реалност. За разлика од новинарското известување, документарецот користи уметнички јазик кој исто така ги предизвикува емоциите на гледачот, со цел да го натера да размислува. Спротивно на тоа, репортажата е новинарска истрага заснована врз принципот на објективност, иако авторот на истрагата може да има активистички и ангажиран став. Во репортажата, секој аспект на фикција е напуштен за да се направи простор за фактичките елементи.

 

Примери:

 

- Документарецот “Другата страна на сè“ (“Druga strana svega“, од 2017 година), од српската режисерка Мила Турајлиќ, се навраќа, на пример, на српската историја во изминатите 70 години преку перспективата на Србијанка Турајлиќ, мајка на режисерката и активистка за мир. Режисерката ја внесува семејната историја во дијалог со историјата на нејзината држава, осврнувајќи се на прашањето за политичкиот ангажман на постарите генерации кој се соочува со разочарувањето на денешните млади Срби.

 

- Друг режисер на документарни филмови, Косовецот Самир Карахода, се осврнува на прашањето за иселувањето на дел од младите од Косово преку неговото дело “Во меѓувреме“ (“Në Mes“ од 2019 година). Преку овој документарец, Карахода покажува клучен аспект на тековните работи во неговата држава, особено недостатокот на економски перспективи за голем дел од своите млади и распаѓањето на семејството, многу важна општествена единица во косовското општество.

 

- Во балканскиот контекст, голем број репортажи се, на пример, посветени на прашањето на корупцијата и организираниот криминал. Таков е случајот со репортажата на црногорската новинарка Оливера Лакиќ, автор на истрага за организирниот криминал, заради што таа стана мета на напад со огнено оружје.

 

Филмовите и кинематографијата

 

Фикцијата и кинематографијата, исто така, можат да се осврнат на истите теми како и документарците и новинарските репортажи без притоа да ги следат истите постапки. Филмовите можат да раскажат измислени приказни додека црпат инспирација од реалноста. Затоа, кинематографијата овозможува да се пристапи, со голема слобода, кон централни општествени прашања и да го поттикне гледачот да размислува.

 

Пример: Во својот филм “Медените месеци“ (“Honeymoons“ од 2009 година) српскиот режисер Горан Паскаљевиќ ја снима измислената приказна на двете брачни двојки, едниот српски, другиот албански, за да се осврне на темата за емиграција кон Европа, преку ироничен и драматичен поглед.

 

 

Телевизијата : ТВ дневник

Во историјата на медиумите и пристапот до информациите, појавата на телевизијата одигра улога слична на онаа што ја одиграа социјалните мрежи во денешното време, во смисла дека нејзината употреба претставува еден вид револуција според начинот на кој луѓето ги консумираат информациите. Овој значаен медиум останува сèуште важен во нашите општества и треба да се запрашаме за тоа како се користи аудиовизуелната алатка за пренос на информациите.

 

Дефиниција: ТВ дневникот е информативна емисија која трае неколку десетици минути емитувана на телевизија и анимирана од страна на еден или повеќе водители. Може да понуди репортажи за меѓународни, национални или локални теми, или наизменични хроники како што е временската прогноза.

Главната цел на ТВ дневникот е да обезбеди квалитетни информации собрани од новинари или дописници кои работат за ТВ каналот, информации за тековните работи или за суштински теми. За разлика од радиото, кое исто така нуди „кратки“ програми за тековни настани, ТВ дневникот ѝ дава посебно место на сликата, истовремено во изгледот и гестовите на водителот, но и за време на репортажите, фотографиите или инфографиите прикажани на екранот (кодификација на боите, користен фонт при пишувањето, вид на декор за студиото, итн.)

 

Пример: Раководството на ТВ дневникот на албанскиот канал Зјар ТВ (Zjarr TV) донесе одлука во 2016 година, вестите да бидат презентирани од водителки со разголени гради со подотворено сако кое едвај ги прикрива градите. Овој избор, силно критикуван за својата сексистичка природа, претставува екстремен случај, но ја илустрира важноста на управувањето со сликата и визуелната алатка за време на ТВ дневникот.

 

Поддршка која има свои граници

 

Иако телевизијата е многу популарен медиум, каналите не можат да избегнат одредена економска логика, а понекогаш дури и политичко влијание (особено во случајот со јавните канали), а тоа може да влијае на квалитетот на емитуваните информации и да ја ограничи застапеноста на диверзитетот на мислењата и на опозициските движења. Особено во балканскиот регион, суштинските теми можат да бидат заменети со полесни теми, по пример на „таблоиди“ и на модел на жолтиот печат.

 

Пример: Во март 2019 година, српските демонстранти од движењето #1од5милиони и други претставници на опозициските партии протестираа пред канцелариите на српската радио-телевизија (РТС) за да ја критикуваат оваа незастапеност на телевизијата.

 

Во таква ситуација, неколку меѓународни новински канали имаат инвестирано во регионот со цел да понудат алтернатива за гледачите, но исто така и од геополитички причини. Така е примерот, во последниве години со катарскиот канал „Ал Џазеира“ кој ја отвори својата локална редакција во Сараево, додека каналот „Русија денес“ започна да емитува информации на локален јазик на српското радио Студио Б.

 

ТВ дневникот, иако останува сèуште популарен, од друга страна сè повеќе е надминат од медиумите на интернет и од социјалните мрежи.

 

Новите екрани

Во целиот свет, времето поминато пред екраните постојано се зголемува секоја година, особено кај младите. Иако телевизијата зафаќа добар дел од ова време, пристапот кон социјалните мрежи е тој што го зголемува времето минато пред екраните. На пример, студијата на “BusinessFibre.co.uk“ од 2019 година, ги наведува земјите кои поминуваат најмногу часови на интернет, потсетувајќи дека глобалниот просек на време поминато пред екраните е 6 часа и 42 минути на ден (линк достапен во делот “како дополнување“).

 

Во однос на времето поминато на социјалните мрежи, голем дел од него е за гледање видеа, презастапени на интернет, тоа се должи на апликацијата на видео “гигантот“ : Јутуб (YouTube).

 

Дефиниција: Јутуб е платформа за хостирање на видеа и еден социјален медиум на кој корисниците можат да испраќаат, гледаат, коментираат, оценуваат и споделуваат видеа во стриминг. Создаден во февруари 2005 година од Стив Чен, Чад Харли и Џавед Карим, тројца поранешни вработени во “ПејПал“ (“PayPal“), и откупен од “Гугл“ во октомври 2006 година за 1,65 милијарди американски долари, тој е еден од најпосетуваните сајтови во светот (во 2020 година, секој месец, Јутуб има повеќе од 2 милијарди прегледи).

 

Затоа интересно е да се забележи дека оваа платформа презема одредени аудиовизуелни кодови од телевизијата. На пример, зборуваме за “Јутјуб канал“, а „Јутуберите“ мораат да ги имаат истите вештини како и ТВ водителите: добро усно изразување, изглед што потикнува желба да се гледа видеото, дури и се оди до таа мера што се репродуцираат ТВ-студиа од телевизиски емисии.

 

Пример : Најследените Јутубери во различни земји :

 

Босна и Херцеговина : https://www.youtube.com/user/Seherzad

Србија : https://www.youtube.com/user/SerbianGamesBL2

Црна Гора : https://www.youtube.com/user/BalkanGamesHD

 

Свесни за привлечноста на овој формат за помладите генерации, некои телевизиски канали инвестираат во овој медиум со реемитување програми или нудење да се гледаат овие канали директно на Јутуб (како што е каналнот РТС Сајт – Официјален канал во Србија, кој го емитува, на пример, серијалот “Моја генерација З“ - “Moja generacija Z”).

 

Успехот на Јутуб во споредба со телевизијата се објаснува и со богатата содржина што ја нуди. Поради тоа што секој корисник на интернет може да продуцира или објави видео, вкусовите и мислењата на сите се многу подобро застапени отколку на телевизијата. Затоа е и алатка која граѓаните можат да ја присвојат за да се изразат за темите кои ги интересираат, да ги популаризираат знаењата, да ги појаснат своите идеи, да предупредат за некоја тема или да комуницираат важни информации, како што е случај кога одредени демонстранти ги снимаат во живо своите движења за време на некоја демонстрација.

 

Со тоа што се пласира како централен столб во аудиовизуелната дифузија и продукција, Јутјуб и социјалните медиуми кои нудат видеа уживаат хегемонична позиција во нашите односи со информациите. Тогаш се поставуваат суштинските прашања за слободата на изразување, монопол и одговорност за емитуваните содржини, особено за потенцијалните лажни информации, говорот на омраза и теорија на заговор кои, за жал, се многу популарни на оваа платформа која е во голем дел прегледувана од младите.