ЛАЖНИ ВЕСТИ & НАУКА
ДЕФИНИЦИЈА
Денес, науката и нејзиниот метод на логичен доказ се оспорени во контекст на ширење лажни вести на интернет. Овие лажни вести напаѓаат и создаваат забуна околу главните научни консензуси, во областите како што се животната средина, здравјето и исхраната.
Интернетот денес стана елдорадо на производители на лажни вести, кои ја искористуваат брзината на мрежата за да понудат содржини кои што немаат никаква научна основа. Тие се движат од индустриско лоби, до теоретичари на заговор, до измамници кои ветуваат дека продаваат “чудесни терапевтски решенија“. Толку многу манипулатори на информации кои ги инструментализираат стравовите и недостатокот на научна култура кај населението. И оваа демагогија е толку повеќе штетна што лажните вести честопати се преземани – намерно или не – од политичките лидери и медиумите. На тој начин влегуваме во ера на пост-вистина, каде станува многу тешко да се разликува точното од неточното, мислењето на факти, научната информација од неговата манипулација.
ИЛУСТРАЦИЈА : ДАЛИ 5Г ГИ УНИШТИ ДРВЈАТА ВО СРБИЈА?
Според оваа фотографија направена во градот Алексинац во Србија и објавена во Фејсбук групата Udruženi građani Srbije (Здружени граѓани во Србија) : “дрвјата биле исечени заради 5Г“. Оваа фотографија се појави и во други групи во Србија, како што е групата на Фејсбук „ STOP 5G mreži u Srbiji “ (СТОП на 5Г мрежата во Србија).
Сепак, оваа „вест“ е лажна. Според веб-страницата Raskrikavanje.rs што ја открила лажната вест, овие дрвја не биле уништени поради 5Г. Оваа фотографија е всушност направена за време на реновирање на една улица во склоп на градежни активности на општината на градот Алексинац во Србија. Во моментов, не постои студија која докажува дека 5Г е штетно за нашето здравје и за планетата.
5Г е исто така извор на теорија на заговор што ја поврзува оваа технологија со пандемијата на Ковид-19. Овој масовен глобален заговор тврди дека постои врска помеѓу распоредувањето на 5Г технологијата и појавата на вирусот. Ако некои објави на Фејсбук само ја поврзуваат врската помеѓу 5Г и болеста, други сметаат дека технологијата користи за „активирање на вирусот произведен во лабораторија во Вухан“, или гледаат во оваа пандемија „изговор за развој на смртоносна вакцина која ќе се активира со 5Г зрачење“. Сите овие приказни се еволутивни. Тие започнуваат од слична измислица, но варираат во текот на нивното споделување ширум светот.
Истражувачите од Универзитетот за технологија на Квинсленд во Австралија ја одврзаа низата за ширењето на оваа теорија, од јануари до 12 април 2020 година. По анализа, истражувачите беа во можност да го покажат развојот на гласината од нејзиното потекло во веќе-постоечките, заговорни групи со ограничен обем, до нејзиното засилување преку познати личности, спортски sвезди и медиуми, до поголемо ширење во поразновидни заедници.
Светската здравствена организација, преку својот диспозитив за проверка на факти, создаден за борба против лажни вести околу Ковид-19, го предупредува јавното мислење против гласината. Тој го негира и деконструира заговорот, објаснувајќи: “вирусите не кружат преку радио бранови или преку мобилни мрежи. КОВИД-19 се шири во многу земји кои немаат 5Г мобилна мрежа. КОВИД-19 се шири преку респираторни капки кои се пренесуваат кога едно заразено лице кашла, кива или зборува. Исто така, можеме да се заразиме со допир на контаминирана површина, а потоа со допирање на очите, устата или носот “(извор: Coronavirus disease advice for the public: Mythbusters).