Author Archives: philippe.morlhon@mouvement-up.fr

ПРАКТИЧНА АКТИВНОСТ 1 “Ја проверувам веродостојноста на информативната веб-страница”

ОБЈАСНУВАЊЕ ЗА АКТИВНОСТА

 

Со зголемувањето на бројот на страниците (сајтови) на iнтернет, не е секогаш лесно да се одделат страниците што содржат вистински проверени и изворни информации од интерес за јавноста од страниците што шират сензационалистички лажни информации. Овие страници, честопати креирани од професионални веб-развивачи, сè повеќе изгледаат како вистински новински страници (графички квалитет, функционалности, итн.).

 

Сепак, сè уште е можно да бидете претпазливи и да ја проверите веродостојноста на веб-страницата а ние ќе ви покажеме како, чекор по чекор!

 

 

ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ

 

Чекор 1: Кликнете на фолдерот “правно известување“ или “за нас“: Тие генерално ви овозможуваат да го идентификувате типот на страницата што ја гледате и да обезбедите суштински информации за природата на страницата, кој е нејзин сопственик, правно лице на кое е прикачена, прометот, датумот на создавање итн. Колку повеќе овие фолдери се видливи, лесни за пристап и богати со прецизни информации, толку посигурна може да биде страницата.

 

Внимание: Бидете свесни дека на комерцијална страница, правните известувања се едноставно задолжителни. Без правни известувања, нема нарачки!

 

 

Чекор 2: Проверете го идентитетот и веродостојноста на уредниците на страницата: Откако ќе ги разгледате фолдерите “правно известување“ и “за нас“, ќе можете лесно да најдете кои (с)е автор(ите) на страницата. Фолдерите Кои сме ние или контакти се направени токму за тоа. Ако не можете да ги најдете овие фолдери и доколку овој чекор ви се чини комплициран, тоа е лош знак: Авторите на сигурна страница немаат причина да се кријат! И, ако успеете да го пронајдете идентитетот на цитираните соработници и сакате да го потврдите нивниот идентитет, можете да направите мало истражување за нив со цел да проверите дали тие се навистина легитимни да даваат информации или да анализираат некоја тема. (новинари, експерти, научници…)

 

 

Чекор 3: Вратете се на изворите на информацијата: Потоа, запрашајте се дали оваа страница ги споменува своите извори? Дали е можно да се пронајде потеклото на информациите објавени од страницата? Колку повеќе се цитираат и препознаваат изворите, толку повеќе информациите што се пренесуваат во публикациите на страницата се разјаснети и веродостојни.

 

 

Чекор 4: Анализирајте го начинот на кој се презентираат информациите: Овој чекор бара да бидете малку повнимателни кон содржината и да покажете перспектива и критичко размислување поставувајќи си ги овие прашања: дали информациите се презентирани на балансиран начин? Дали насловите ја одразуваат суштината на написите? Дали страницата презентира фактички информации или мислења? Дали целокупниот тон на страницата е умерен? Отворено за контрадикторност и плуралност на гледишта?

 

 

Чекор 5: Внимателно следете го квалитетот на графичката повелба и правописот: Сè помалку е очигледно бидејќи разликата помеѓу вистинска страница и страница создадена во фабрика за лажни вести е сè покомплексна но овој совет може да ви помогне во одредени случаи: доколки дизајнот на страницата не е на ниво на кое треба да биде, а статиите се полни со правописни грешки, тоа е честопати индикативно за слаб квалитет на информациите. На интернет, содржината и формата се поврзани!

 

 

Чекор 6: Обидете се да оставите коментар на страницата? Во повеќето професионални информативни страници е можно да оставите коментар за да дадете свое мислење за содржината на една статија. Доколки не можете да ја пронајдете оваа можност, тоа е затоа што авторите на страницата не се навистина отворени за критики, дебати и противречности, а тоа не навестува добро! Всушност, кога објавувате лажни вести или теории на заговор, не сакате да бидете разокриени!

 

 

Чекор 7: Проверете го протоколот https: Достапно е на секого да се заштити од каква било измама на интернет: осигурете се дека HTTPS е присутен, бидејќи му овозможува на посетителот да го потврди идентитетот на веб-страницата на која пристапува , благодарение на сертификат за автентикација издаден од признат и угледен доверлив орган. Лесно ќе го најдете уште на првата позиција во лентата за пребарување. Ако акронимот https не се појави, веројатно е најдобро да не се осудувате да пребарувате на оваа страница!

 

 

Чекор 8: Користете WHOIS: Конечно, ако сакате да бидете брзи и ефикасни, тука е страницата WHOIS, буквално “Кој е“ на англиски јазик. На почетната страница на страницата, само треба да ја копирате и залепите URL адресата на страницата предмет на испрашување и за неколку секунди ќе можете да ги соберете сите корисни информации на оваа страница!

 

 

СЕГА Е НА ВАС !

 

Табела за оценување на веродостојноста на една интернет страница :

За да можете лесно да ги применувате овие совети додека прелистувате на интернет, еве графикон што ќе ви помогне да ја процените веродостојноста на една страница. Колку повеќе страницата ќе собере висока оценка, толку повеќе ќе биде сигурна и квалитетна!

Име на страницата :

___________________________________________________________

Адреса на страницата :

______________________________________________________

 

 

0/20

Можам лесно да ги пронајдам следниве информации на страницата :

-основачи

-датум на основање

– Претставување на екипата и проектот

-Финасиски и правни информации

+3

Соработниците на страницата се легитимни да ме информираат за темата за која разговараат: Дали се тоа новинари или признати специјалисти?

+3

Авторите цитираат повеќе извори и можам лесно да пристапам и да ги проверам тие извори.

+3

Лесно можам да оставам коментари за да се изразам, да дадам свое мислење за некоја статија.

+2

Нема правописни грешки на страницата.

+2

Авторите внимаваат на своите забелешки, има различни гледишта што се преставени.

+2

Можев да најдам на WHOIS информации за оваа страница.

+3

Некои линкови се застарени.

– 2

Премногу брзо сум понуден да се приклучам кон некоја група, организација или политичка партија или да нарачувам.

 

-3

Оценка

__/20

 

ПРАКТИЧНА АКТИВНОСТ 2 “ЈА СОЗДАВАМ НАЈДОБРАТА ЛАЖНА ВЕСТ НА ГОДИНАТА”

ОБЈАСНУВАЊЕ НА АКТИВНОСТ

 

Со социјалните мрежи, се повеќе и повеќе лажни информации циркулираат брзо и нẻ спречуваат да формираме реално мислење за некое прашање или за вести. Понекогаш, овие лажни информации дури се насочени кон некоја заедница, поттикнуваат страв и омраза или едноставно шират лажни верувања.

 

Со цел подобро да се разбере како се конструирани овие “Лажни вести“, ќе можете да се ставите на местото на манипулаторите со информации и самите вие да создадете една.

 

 

ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ

 

Дефиниција: Кога зборуваме за лажна вест (инфокс), лажни информации или „Лажни вести“ (Fake News), тоа се информации измислени, лажирани или искривени, намерно објавени од поединци, активисти или политички лидери, со цел да се манипулира со граѓаните и да ги натераат да се придружуваат до нивите идеи или да ги измамат.

 

Карактеристиките на една добра Лажна Вест:

 

  • Чувстителна тема: Лажните информации честопати масовно се споделуваат бидејќи опфаќаат сензационални, политички, емотивни, извонредни и опасни теми. Обично Лажните вести играат врз нашите стравови и предрасуди.
  • Добра структура: Дури и ако информациите се лажни, тоа не значи дека не се структурирани и добро конструирани со аргументи (лажни).

 

Добар наслов: Ова е многу важно бидејќи честопати ова ги тера луѓето да кликнат или да ја видат предметната статија или објава.

 

Добар визуелен напис: Написите и информациите воопшто, без оглед дали се вистинити или лажни, се повпечатливи и лесни за помнење ако се придружени со слика, фотографија или видео.

 

-Објава: За Лажните Вести да бидат ефективни, тие мора да се емитуваат на неколку социјални мрежи (Твитер за лажни политички информации, Фејсбук за сензационални лажни вести, Инстаграм за лажни фотографии и видеа итн.)

 

 

СЕГА Е НА ВАС !

 

1 : Да се избере привлечна тема – Вашиот избор на тема во голема мера ќе го одреди влијанието на вашиот пост / напис. Не двоумете се да започнете од општа тема и потоа да го насочите пребарувањето.

 

Пример :Здравјето => медицина => Влијанието на зраците и брановите врз човечкото тело

 

2 : Да се најде ударен наслов – Истовремено треба да се резимира главната информација и да се потикне љубопитноста.

 

Пример : “Еден кинески доктор воскреснува пациент благодарение на гама зраците”

 

3 : Наведете неколку аргументи за поддршка / збогатување на вашата “Лажна вест“ – Наведете ги вашите аргументи кои ќе помогнат во пишувањето и изработката на вашата лажна вест. За да го направите ова, можете да користите различни техники за манипулација со информации: Да се извади од контекст информацијата или цитатот / Да се креира лажно сведоштво / да се создадат врски кои не постојат помеѓу настани или вистински факти /…

 

Пример: 1. Дефиниција на гама зраците 2. Можност да се направи да проработи срцето на пациент чие срце престанало да работи 3. Употреба на гама зрази за медицински цели (радиотерапија и радиохирургија) 4. Употреба на цитат вон контекст 5. Лажно сведоштво на кинески лекар 6. Итн.

 

4 : Напишете ваша лажна вест – за пишувањето можете да ги следите и развивате аргументите што претходно ги набројавте. Што се однесува до стилот на пишување, најдобро е да се имитираат новинарски или научни написи за да вашата лажна вест биде веродостојна, но запомнете дека целта е да ги убедите читателите.

 

5 : Изберете илустрација -. Треба да изберете визуелна слика која ги сумира вашите лажни вести што е можно поефективно, и која им остава впечаток на поединците.

 

 

6 : Споредете ја вашата лажна веста: Сега кога лажната вест е завршена, можете да им го дадете методот на вашите пријатели и да ги споредувате резултатите (кој ја има најверодостојната лажна вест? Најоригиналната? Најсмешната? Итн.). Може дури да се обидете да ги измамите вашите пријатели, но бидете внимателни, морате да ги потсетите дека ова е вежба за да научите подобро да ја препознаете оваа техника на манипулација и подобро да откриете лажни информации. Ако сте биле успешни, кажете си дека има илјадници други луѓе кои можеби ви испраќаат лажни информации секој ден, а не се ваши пријатели.

ПРАКТИЧНА АКТИВНОСТ 3 “ЈА ПИШУВАМ СОПСТВЕНАТА СТАТИЈА”

ОБЈАСНУВАЊЕ НА АКТИВНОСТА

 

Да се ​​напише статија не е лесна задача. Ние ви нудиме неколку насоки за да можете брзо да напишете статија за тема која ве интересира и што исто така може да ја заинтересира и поголемата јавност.

 

 

ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ

 

Што е статија ? Статија е текст кој дава информации и раскажува за факт од општ интерес, притоа обидувајќи се да претстави што повеќе елементи што овозможуваат подобро разбирање на предметната тема.

 

Можете, пишувајќи статија, да го анимирате вашиот блог или социјалните мрежи, или да ја споделите вашата анализа за одреден настан со придонес во вашиот локален весник! На пример, може да пишувате за вашата населба за да пријавите некои нејзини проблеми со кои се соочуваа или, напротив, да истакнете некои позитивни приказни. Вие бирате од кој агол ќе започнете!

 

Општо земено, една статија мора да одговори на следните суштински прашања:

 

Кој ? Кои се актерите засегнати од настанот ?

Што? Што се случило ?

Каде? Каде се случил настанот?

Кога? Кога се случил настанот?

Зошто? Кои се причините на настанот?

 

Големината на една статија може да варира, но најважно е читателот да може да ја разбере темата за која се дискутира. Овде, ви нудиме неколку насоки за пишување на новинарски текст

 

Постојат различни типови на статии според намерата на авторот:

 

  • Статијата која служи да пренесе неодамнешна информација (кратката вест, веста, содржината, монтажата и извезтувањето)
  • Статијата која прави продлабочнена анализа на одредена тема (анкетата, репортажата и интервјуто)
  • Статија за одредено мислење кое служи за изразување на нечие мислење за одредена тема (едиторијалот, хрониката, критиката, портретот, итн)

 

Во сите случаи, пред да се напише статија, треба да се пронајдат извори (во институции, кај други новинари, директни сведоци, итн.).

 


СЕГА Е НА ВАС!

 

Откако ќе ги соберете информациите (и ќе ги потврдите изворите!), подгответе преглед со структурата на вашата статија. Напишете ја вашата статија користејќи ги следниве чекори:

 

I/ Наслов

Насловот е многу важен затоа што мора да биде краток, отсечен и тој веќе мора да му даде на читателот преглед на дадената темата, како и гледиштето на новинарот

« Капа », тоа е краток текст како вовед на статијата, и може да се додаде веднаш по насловот.

 

II/ Напад

Почетокот на текстот е многу важен затоа што треба да го привлече читателот до остатокот од статијата. Според тоа, нападот веќе може да ги даде причините за покренување на предметната тема.

 

III/ Тело

Телото на текстот е срцето на статијата. Секогаш запомнете да го разликувате фактот од мислењето! Не постои објективно толкување. Меѓутоа, ако ги земеме предвид сите аспекти на предметот што се обработува, можеме да обезбедиме комплетна презентација на истата и да му овозможиме на читателот да формира свое мислење.

 

IV/ Пад

Падот е заклучокот на статијата. Оваа синтеза може да ги обезбеди и личните мислења на авторот како и предлози за во иднина (секогаш на предметната тема).

 

Доколку е потребно, користете ги алатките подолу за да ви помогнат да го испланирате и креирате првиот нацрт на вашата статија:

 

 

ШЕМА ЗА ПОДГОТОВКА НА НАПИСОТ

 

НАСЛОВ И КАПА

Насловот треба да биде отсечен.

Капата го дополнува насловот и најавува, со реченица или две, силните страни на статијата.

 

НАПАД

Почетокот на текстот е многу важен бидејќи треба да го заинтересира читателот за остатокот од статијата.

 

ТЕЛОТО НА ТЕКСТОТ

Една статија треба да одговара на следните суштински прашања :

Кој ? Што ? Каде? Кога? Зошто ?

Секогаш запомнете да го разликувате фактот од мислењето!

 

ПАД

Краток заклучок на статијата

 

Можете да ја илустрирате вашата статија со фотографии, видеа итн. Сепак, секогаш мора да напишете коментар на илустрацијата (реченица која ја опишува сликата или видеото и нејзиниот извор)

 

Не заборавајте да ја лекторирате вашата статија! Можете да побарате некој друг да ви помогне да го подобрите вашиот текст.

ПРОВЕРИ ГИ ТВОИТЕ ЗНАЕЊА ЗА МЕДИУМИТЕ И ИНФОРМАЦИЈАТА

ВЕСТ ИЛИ ЛАЖНА ВЕСТ ?

1 – ОД ШТО СЕ СОСТОИ ПРОФЕСИЈАТА НОВИНАР?

КЛУЧНИ ПОИМИ

 

Мисијата на новинарот е да истражува и да проверува информации, да ги пишува и потоа да ги дистрибуира на секаков вид поддршка. Затоа тој е пред сè писател (редактор), специјалист за пишување. Но, новинарот, исто така, мора да сведочи, интервјуира, снима, фотографира, монтира слики, уредува текст … Оваа професија опфаќа многу широк спектар на функции: главен уредник, стручен репортер, монтажер, новинар фото-репортер… Во исто време, новинарот може да избере да специјализира (локален, економски / финансиски / политички / спортски новинар…) или не.

 

Без оглед на поддршката или работодавецот, новинарите мора да почитуваат неколку основни правила (секогаш да ги проверуваат нивните извори и информации, да изберат агол за да им дадат приоритет на информациите, да го привлечат вниманието на читателот со едноставен, жив и директен стил) и подлежат на строги и прецизни етички правила (почитување на достоинството на луѓето, изразување критичко размислување, проверување на изворите итн.)

 

Статусот професионален новинар се припишува на оние чија главна, редовна и платена дејност е вршење на нивната професија во една или повеќе дневни, или периодични, публикации, во една или повеќе агенции за печат, на радио, на телевизија или на интернет, и чии главни приходи се од таа дејност.

 

Работата на новинарите е од клучно значење за да им се овозможи на популациите да бидат информирани. Новинарството често се смета за 4-та моќ против законодавната, извршната и судската власт. И поради тоа што медиумите предизвикаа многу политички скандали, некои влади се обидуваат да го контролираат печатот во своите земји.

 


КОНКРЕТЕН СЛУЧАЈ



КРИК : пример на истражувачки медиум во Србија : https://www.krik.rs/

 

Во Србија, новинари од истражувачкиот медиум КРИК спроведоа бројни документирани истраги за корупцијата и организираниот криминал во нивната држава. Како што сведочи Јелена Радивојевиќ, една од шесте новинари на КРИК, во интервју дадено за “Курие де Балкан“ (Courrier des Balkans), главниот уредник, Стеван Дојчиновиќ, редовно е мета на многу жестоки напади од страна на српските таблоиди финансирани од власта.

 

Според оваа новинарка и нејзините колеги, Владата, преку одредени медиуми, работи на дискредитација на редакцијата воглавно, и лично на одредени лица, обвинувајќи ги, на пример, дека се “тајни агенти кои работат за други држави“ или објавувајќи приватни фотографии.

 

Иако новинарите никогаш не биле физички нападнати, станот на една од нив бил ограбен и оштетен, и биле испратени смртни закани до новинарите преку Фејсбук, без никој ништо да преземе против сторителите.

 

Случајот со медиумот Крик ги разоткрива ризиците на новинарската професија и пречките против слободата на печатот во Србија и во светот.

2 – КОЈА Е ИСТОРИЈАТА НА МЕДИУМИТЕ?

КЛУЧНИ ПОИМИ

 

Традиционалните медиуми се медиуми основани пред интернетот; тоа се радиото, телевизијата и медиуми во печатена форма. Од 90-тите години на минатиот век и со доаѓањето на дигиталната технологија, овие историски медиуми се обновија со понуда на “онлајн“ верзии, како и верзии соодветни за паметни телефони (smartphones) и таблети.

 

Од 2004 година, се појавуваат нови медиумски играчи и влегуваат во конкуренција со традиционалните медиуми, тоа се : социјалните медиуми (Фејсбук, Јутјуб, Инстаграм, итн …). Ова се дигитални платформи чија содржина е генерирана од корисниците, и каде што најважен е принципот на интеракција помеѓу различните корисници на интернет. Оваа логика на соработка е специфична за Веб 2.0: некогаш конзументи на информации, корисниците на интернет сега се актери.

 

Еволуцијата на медиумскиот свет претставува можност. Навистина, појавата на нови дигитални форми (блогови, Википедија, Јутјуб, социјални мрежи, итн.) промовира поголем пристап до знаењето, слободата на изразување и учеството на граѓаните.

 

Во врска со улогата на медиумите, без разлика дали се традиционални или преку интернет, УНЕСКО нуди интересна типологија. Медиумите можат да вршат една или повеќе од следниве функции:

  • Канал за информации и знаење
  • Тело за контра-моќ и контрола на Владата
  • Аниматор на демократскиот процес и олеснувач на дебатите
  • Возило на културно изразување
  • Федератор на една заедница

 


КОНКРЕТЕН СЛУЧАЈ

 

Балканската рута сè повеќе ја користат сириските и авганистанските мигранти кои сакаат да стигнат до Европа.

 

Социјалните медиуми играат важна улога во обработката на оваа информација.

 

Всушност, твитовите и фотографиите на Инстаграм објавени од барателите на азил за балканската рута овозможуваат подобро разбирање на човечката реалност што ја доживеале протагонистите.

 

Францускиот медиум Ле Фигаро (LeFigaro.fr) (линк) успеа на тој начин – благодарение на овие публикации направени во живо – да го следи патот на мигрантите до Австрија, Германија или Шведска преку Грција, Македонија, Србија и Унгарија.

 

Патувањето на мигрантите по Балканската рута, проследено и документирано благодарение на социјалните мрежи на протагонистите.

 

Оваа употреба на социјалните медиуми сведочи за еволуцијата на медиумскиот пејзаж и улогата на медиумите. Денес, секој може да биде сведок на настан и да го сподели со светот во рок од една секунда. Оваа практика го создаде “граѓанското новинарство“, кое го прави секој корисник на социјалните мрежи потенцијален продуцент на информации.

 

3 – ШТО Е СЛОБОДА НА ПЕЧАТ ?

КЛУЧНИ ПОИМИ

 

Слободата на печат им гарантира на граѓаните да ги имаат сите протребни информации за да формираат слободно мислење.

 

Улогата на весниците е да ги едуцираат читателите и да потикнат дебати на идеи меѓу граѓаните. За тоа, новинарите ги почитуваат правилата. Тие можат да зборуваат за која било тема, но проверувајќи ги внимателно информациите за да гарантираат квалитет.

 

Во земја која гарантира слобода на печат, новинарите можат да ја вршат својата професија во целосна слобода и без пречки да ги споделуваат своите медиумски содржини. Тогаш, тие го имаат потребниот простор за развој на ригорозен новинарски процес вршејќи новинарска истрага и соочување на изворите; Слободен новинар се потпира на анализа и ставање во перспектива на фактите и можните објаснувања. Токму на овој новинарски процес се заснова веродостојноста и квалитетот на информацијата.

 

Во некои земји, слободата на печат може да биде доведена во опасност, а новинарите можат да бидат спречени да покриваат одредени настани или да ја критикуваат власта. Секоја година, невладината организација Репортери без граници објавува рангирање за слободата на печатот низ целиот свет.

 

 

КОНКРЕТЕН СЛУЧАЈ

 

Во август 2018 година, црногорскиот истражувачки новинар Јово Мартиновиќ беше прогласен за добитник на наградата Питер Меклер која ги наградува храброста и новинарската етика. Оваа награда го наградува новинарот за неговиот придонес кон слободен и независен печат.

 

Јово Мартиновиќ работел за многу меѓународни медиуми како што се Би-Би-Си и весниците Економист (The Economist) или Фајненшл тајмс (The Financial Times). Тој е признат по сеопфатното покривање на организираниот криминал во Европа и воените злосторници на Балканот. Како резултат на овие истраги, тој беше предмет на судски постапки поврзани со трговија со дрога.

 

Со цел конкретно да се разберат предизвиците на слободата на печат, можете корисно да го прочитате писмото “Обвинение на црногорскиот новинар Јово Мартиновиќ” (на англиски јазик) напишано од Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари упатено до премиерот на Црна Гора. Ова писмо бара да се земат предвид околностите во кои новинарот бил во контакт со осомничените: прикриено (под друг идентитет) за да ја спроведе својата новинарска истрага.

4 – КАКО ДА ПРОВЕРИТЕ ИНФОРМАЦИЈА?

КЛУЧНИ ПОИМИ

 

Денес, информациите достапни на интернет се шират од страна на сигурни извори и од професионални новинари, но исто така и од страна на манипулатори на факти кои продуцираат лажни вести. Така што, во дигиталниот свет, стана од суштинско значење да се биде способен да се разликува вистинското од лажното.

 

Постојат неколку едноставни прашања што треба да си ги поставите за да ги процените квалитетот и релевантноста на информациите, но и веродостојноста на нивниот извор. Значи, пред да прочитате статија или да гледате видео, треба да одвоите време да размислите, да го вежбате својот критички ум и да се запрашате:

  • Кој е авторот на документот, дали е експерт за оваа тема ?
  • Која е природата на страницата или издавачот?
  • Од каде доаѓаат информациите? Дали се цитираат изворите?
  • Од кога датираат информациите ?
  • Кои се целите на страницата: да продава, да информира, да убедува, да плаши?

 

Инаку, за да се добие веродостојност и да има шанса да се смета за точна, информацијата мора да биде потврдена од други извори на информации и / или да е објавена во другите медиуми. Тогаш велиме дека информацијата мора да биде вкрстена за да биде проверена.

 

 

КОНКРЕТЕН СЛУЧАЈ

Консултирање на независни медиуми е еден од најдобрите начини да се информира од веродостојни информации. Независните медиуми се професионални актери во новинарството, односно се занимаваат со продукција на “квалитетни, сеопфатни, слободни, независни и плуралистички информации“.

 

Во балканскиот регион, неколку независни медиуми ги исполнуваат овие критериуми, вклучително:

 

За да најдете повеќе независни медиуми во регионот на Балканот, можете да ја посетите платформата Талмил (Talmil), во фолдерот “Независни медиуми“ (линк).

5 – КАКО ДА СЕ ИДЕНТИФИКУВААТ ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ (FAKE NEWS)?

КЛУЧНИ ПОИМИ

 

За да се идентификува лажна информација, потребно е да се применат алатките за проверка на информациите што е можно почесто следејќи ги овие неколку правила:

 

1. Да се провери природата на страницата каде што се прегледани информациите. Фолдерите “правно известување“ или “за нас“ овозможуваат обично да се идентификува видот на страницата што ја гледаме (блог, хумористичка страница, институционална страница, итн.). Доколку станува збор за социјална мрежа, проверете ја природата на сметката (акаунтот) што ги споделила / дистрибуирала информациите (пародија, институционална, итн.)

 

2. Да се погледне датумот на објавување на информацијата. Во денешно време, една информација брзо застарува или честопати била веќе демантирана / проверена.

 

3. Да се провери идентитетот на авторот на информацијата (дали е тој новинар? Експерт за темата за која разговара? Граѓанин?). Запрашајте се за неговата цел, дали тој сака да нè информира, да ни даде свое гледиште или да нè манипулира?

 

4. Да се навратиме на потеклото на информацијата. На кој медиум првпат била објавена? Многу често на интернет, информациите се споделуваат, дистрибуираат, а понекогаш исто така се извртени, деконтекстуализирани или толкувани. Затоа е важно да се открие од каде потекнува информацијата.

 

5. Да се постават вистинските прашања, да се биде љубопитен и сомнителен. Критичкото размислување е најефективниот начин што го имаме за да се заштитиме од дезинформациите и теориите на заговор.

 


КОНКРЕТЕН СЛУЧАЈ

 

За време на претседателската кампања во САД во 2016 година, градот Велес ,во Македонија, стана “светски главен град на лажни вести“. Всушност, под влијание на државните сили, стотина млади Македонци развија вистинска “фабрика за лажни вести“, чија цел беше да се шират во американското јавно мислење, преку интернет, голем број на лажни вести со цел да придонесат во победата на кандидатот Доналд Трамп.

 

Овие млади заработуваа близу 10,000 евра месечно за да создадат лажни сметки (акаунти) и да измислуваат лажни написи. Една од најчестите лажни вести беше да се дискредитира кандидатот на демократите, Хилари Клинтон, со ширење гласини со кои ќе се засени нејзиниот углед. Лажната информација според која “Барак Обама ја финансирал кампањата на Хилари Клинтон со средства украдени од ветерани“, пилотирана од Велес, станала особено вирална во Соединетите држави.