TALMIL

ЛАЖНИ ВЕСТИ & МАЛЦИНСТВА

ДЕФИНИЦИЈА

Он-лајн говорите на омраза го стигматизираат потеклото, бојата на кожа, полот, сексуалната ориентација, верската припадност или визијата на светот на едно малцинство, со цел да се кристализира непријателството и дискриминација околу него. Интернетот придонесува за масовно пропагирање на ваквите говори на омраза со што им овозможува на луѓето да се опуштат поради отсуството на директно соочување; така, преку интернетoт, содржините со омраза добиваат поголемо внимание и се шират повеќе.

 

Специјалниот известувач за малцинските прашања на Обединетите нации посочува во соопштението за печатот од 27 февруари 2020 година дека во изминатата деценија, сектаризмот и говорите на омраза пренесени на дигиталните платформи придонеле за подем на насилните екстремистички групи и зголемување на злосторствата врз верските и етничките малцинства, вклучувајќи ги и мигрантите. Експертот анализира, исто така, дека колку повеќе се шират говорите на омраза на социјалните мрежи, толку повеќе стануваат дел од мејнстримот и создаваат поповолна средина за насилствата врз малцинствата.

 

ИЛУСТРАЦИЈА: ЛАЖНАТА ВЕСТ ЗА МИГРАНТИТЕ ВО БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

“Мигрантите, наводно, нападнале малолетник во близина на станицата во Сараево“. Оваа гласина беше преземена од скоро сите медиуми во Босна и Херцеговина во 2019 година.

 

Сепак, истрагата на сараевската полиција покажа дека гласината е манипулација со информации што има за цел поттикнување на омраза меѓу заедниците во земјата.

 

Овој лажен говор на омраза прв пат се појави кога една од најпосетуваните веб-страници во земјата, Klix.ba, ја објави веста за наводниот напад на 17-годишен млад човек во Сараево од страна на мигранти, како коментар на фотографијата на која се гледа претепана личност во мрачен премин. Сепак, по истрагата, полицијата не само што утврдила дека нападот не го извршиле “мигранти“, туку дека не се случило ни на местото кое веб-страницата првично го навела, во близина на железничката станица.

 

Оваа стигматизација на мигрантите преку лажни вести е честа појава на Балканот и може да се најде во весниците, како и на социјалните мрежи.